Словенија на 23 ноември ќе одлучува за еден од најконтроверзните закони во својата понова историја – законот за асистирано (потпомогнато) умирање, кој би го регулирал правото на човекот да одлучи за сопствениот крај на животот. Според словенечките медиуми, властите го потврдиле референдумот што веќе предизвикува жестоки поделби во јавноста.
Поддржувачите на законот тврдат дека асистираното умирање е чин на достоинство и слобода на избор, кој им овозможува на луѓето да го завршат животот без непотребна болка и страдање. Од друга страна, противниците предупредуваат дека усвојувањето на законот може да ја наруши уставната заштита на животот и да отвори можност за злоупотреби, особено кај ранливите категории на граѓани, објави словенечката новинска агенција СТА.
Политичката сцена во земјата е длабоко поделена – над триесет партии имаат остри и спротивставени ставови. Јасна е линијата меѓу конзервативните, традиционалистички сили и оние што се залагаат за либерални и прогресивни политики.
Противниците на иницијативата истакнуваат дека вистинската човечка грижа се состои во обезбедување палијативна нега, хосписи и психолошка поддршка, а не во легализирање на смртта.
Најсилен отпор доаѓа од Демократската партија (СДС), Нова Словенија (НСи) и Народната партија (СЛС). Тие тврдат дека законот не само што го крши уставното право на живот, туку и ја поткопува медицинската етика и може да стане алатка за потенцијални злоупотреби.
Референдумот се најавува како момент што ќе ја подели земјата на два табора – оние што се борат за правото на избор и оние што се борат за светоста на животот.

















