Вистинска полициска драма се одвиваше во близина на Чрномељ во Словенија, каде безбедносните сили речиси 24 часа трагаа по вооружен разбојник осомничен дека во петокот вечер извршил вооружен грабеж на бензинска пумпа и им се заканувал на вработените.
Според словенечката полиција, осомничениот бил пронајден мртов во објект во населбата Уршна Села. Првичните информации укажуваат дека станува збор за 41-годишен хрватски државјанин, по кого трагаа и хрватските и словенечките власти поради повеќе кривични дела со елементи на насилство.
Набргу потоа, и Истарската полициска управа во Хрватска потврди дека потрагата по Срѓан Алексиќ (41) од околината на Пула е прекината, откако бил пронајден мртов на територијата на Словенија.
Според словенечките медиуми, осомничениот бил поранешен припадник на специјална единица. За време на бегството, наводно, пукал кон полициските службеници, а потоа се забарикадирал во објект во Уршна Села.
Жителите на населбата изјавиле дека во попладневните часови слушнале истрели, додека целата област била блокирана од полицијата.
Во текот на акцијата бил ангажиран и полициски хеликоптер, а според медиумските информации, осомничениот бил вооружен со автоматско оружје. Во потрагата учествувале повеќе специјализирани полициски единици, а неколку сообраќајници биле привремено затворени.
По завршувањето на интервенцијата, словенечката полиција соопшти дека повеќе не постои опасност за жителите на поширокото подрачје и најави дека сообраќајот повторно ќе биде нормализиран по завршувањето на увидот.
Грабежот што ја предизвика масовната полициска акција бил извршен во петокот вечерта на бензинска пумпа во близина на Чрномељ. Иако при нападот никој не бил повреден, осомничениот успеал да избега со комбе, по што започнала обемна потера.
Во саботата наутро полицијата успеала да го лоцира во реонот на Травни Дол, а подоцна и во близина на Добиндол, каде продолжила интензивната потрага.
Хрватската полиција претходно го поврзуваше Срѓан Алексиќ и со вооружениот напад што се случи пред два дена во населбата Валдебек кај Пула, при што со огнено оружје беше ранет 60-годишен маж, кој е хоспитализиран и се наоѓа на лекување.
Надлежните најавија дека во текот на наредните денови ќе бидат објавени повеќе информации за целата полициска интервенција и околностите под кои бил пронајден осомничениот.







