Пејачот Здравко Чолиќ поминал речиси два часа во полициска станица давајќи исказ за инцидентот што се случи на 3 февруари, кога бомба била фрлена врз неговата семејна куќа на Дедиње во Белград. Според српскиот весник Курир, Чолиќ бил испрашуван веднаш по враќањето од Хрватска, каде го снимал новиот албум и престојувал во моментот на нападот.
За време на исказот, пејачот ги изнел сите информации што можат да помогнат во расветлувањето на настанот. Извори на Курир.рс наведуваат дека Чолиќ бил смирен и трпеливо одговарал на сите прашања. Посебен акцент бил ставен на можните мотиви за нападот – истражителите се интересирале дали пејачот имал конфликти со некого, дали постоеле сомнителни долгови или нерешени сметки, како и дали некој од членовите на семејството можел да биде цел на ваков чин.
Чолиќ сè негирал и посебно истакнал дека нема проблеми со соработници, колеги или почитувачи и дека во текот на својата кариера не стекнал непријатели. Според него, не постојат лица за кои би знаел дека би имале мотив за ваков напад.

















