ПРВ.мк
Балкан

Змии сѐ почесто влегуваат во згради и дворови, граѓаните во паника

Змии сѐ почесто влегуваат во згради и дворови, граѓаните во паника

Вознемирувачка снимка од Крагуевац, на која се гледа змија како влегува во станбена зграда, предизвика бројни реакции и загриженост кај граѓаните.

Според жителите на населбата Бубањ, ова не е изолиран случај. Тие тврдат дека во последниот период змии сѐ почесто се забележуваат во близина на станбени згради, дворови и гаражи.

„Ова е веќе третпат да гледаме змија во близина на зградата. Најмногу се плашиме за децата, бидејќи никој не знае од каде доаѓаат“, изјавил еден од жителите.

Слични пријави во изминатите денови има и од Белград, Нови Сад, Ниш, Ваљево и Заечар, каде граѓаните објавуваат фотографии и видеа од змии забележани покрај патишта, во паркови, дворови, населби и други зелени површини.

Експертите објаснуваат дека високите температури, влажното време, високата трева, запуштените парцели, како и близината на канали и водотеци, ги принудуваат змиите почесто да се приближуваат до урбаните средини во потрага по засолниште и храна.

Тие нагласуваат дека змиите вообичаено не напаѓаат без причина, но нивното присуство во близина на домовите може да предизвика страв и паника.

На граѓаните им се препорачува редовно да ја косат тревата околу домовите, да ги расчистуваат запуштените површини и да бидат особено внимателни во близина на паркови, грмушки, канали, подруми и други засенчени места.

Доколку забележат змија, експертите советуваат да не се обидуваат сами да ја фатат или отстранат, туку да се оддалечат на безбедно растојание и веднаш да ги известат надлежните служби.