Државјанка на Босна и Херцеговина (64) со помош на својата ќерка (29) успеала со години да добива надоместок за невработеност од австриските власти, иако реално живеела во БиХ.
Според австриските медиуми, жената користела фиктивна адреса во Грац, додека од 2021 до 2025 година најголемиот дел од времето престојувала во Босна и Херцеговина. Во тој период од Заводот за вработување на австриската покраина Штаерска ѝ биле исплатени повеќе од 31.000 евра.
Измамата ја открил специјализиран орган за борба против злоупотреби на социјални бенефиции. Истрагата покажала дека нејзината ќерка активно учествувала во постапката, преведувајќи на состаноци и пополнувајќи документи за добивање на надоместокот.
Двете жени ја признале вината пред судот. Дел од средствата, околу 18.000 евра, веќе биле вратени. Иако останатите 13.000 евра не можеле директно да се побаруваат поради застареност на дел од случајот, судот наложил тие да бидат уплатени во државниот буџет.
Покрај финансиските последици, мајката и ќерката добиле и условна затворска казна во траење од шест месеци.









