Европската Унија ја ослободи првата транша средства наменета за Северна Македонија, со што земјата доби 2.3 милиони евра како неповратна помош, дополнително околу 2 милиони евра како заем преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и околу 3.7 милиони евра како дел од заемот за директна буџетска поддршка. Овие средства се дел од поширокиот пакет поддршка предвиден за реформите во земјата.
Министерството за европски прашања соопшти дека средствата се обезбедени по барање доставено од министерот Орхан Муртезани, кој како Национален координатор за Инструментот за реформи и раст ја достави целокупната документација за реализација на Реформската агенда 2024–2027, со рок на завршување до декември 2024 година (или февруари 2025 година).
Документацијата ги опфати реформите во повеќе клучни области: во јавните финансии беа предложени законски измени за поефикасно и транспарентно управување со буџетот; во енергетиката беа воспоставени нови управувачки структури за спроведување на планот за праведна транзиција; во деловната средина беа воведени нови правила за независност во управувањето со државните компании; додека во областа на владеење на правото беа предвидени мерки за редовно пополнување на позициите на судии и јавни обвинители според долгорочните планови.
Според оценката на Европската комисија, целосно реализирани се два чекори: Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измени на Законот за трговски друштва. Ова ја претставува 40% реализација на предвидените чекори, односно 50% од средствата. За преостанатите чекори е предвиден грејс период до 24 месеци, односно до декември 2026 година, што овозможува дополнително време за нивна имплементација и ослободување на остатокот од вкупните алоцирани средства, кои изнесуваат околу 17,1 милиони евра.
Овој чекор ја покажува посветеноста на Северна Македонија кон реформите и обезбедува значајна финансиска поддршка од ЕУ за развојот на економијата и јавниот сектор.








