Вчера во 07:45 часот на булевар Борис Трајковски во Скопје, полициски службеници извршиле контрола на автобус кој вршел организиран превоз на деца, при што биле утврдени сериозни прекршоци.
Според информациите, автобусот превезувал дури 85 патници, иако според сообраќајната дозвола максималниот број е 48. Тоа значи дека возачот Ј.Д. (63) превезувал 37 деца повеќе од дозволеното.
Дополнително, при вонреден технички преглед биле утврдени сериозни технички неисправности – проблеми со сопирачките (и на работната и на помошната кочница), како и скршено ветробранско стакло, што директно ја загрозува безбедноста на патниците.
Против правното лице, одговорното лице и возачот ќе бидат преземени соодветни законски мерки, додека автобусот е веднаш исклучен од сообраќај сè додека не се отстранат недостатоците.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.











