ПРВ.мк
Македонија

Започнува најсветата недела: еве што мора да почитуваат верниците до Велигден

Започнува најсветата недела: еве што мора да почитуваат верниците до Велигден

Последната недела од Велигденскиот пост, позната како Страстна или Страдална седмица, се смета за најзначајниот период за православните верници. Во овие денови, од Велики понеделник до Велика сабота, се практикува строг пост, засилена молитва и духовно покајание.

Оваа седмица е посветена на последните денови од животот на Исус Христос, неговото страдање, распнување и подготовката за Воскресението. Самото име „страстна“ потекнува од старословенскиот збор за страдање и трпение.

Неделата започнува со Велики понеделник, кога се потсетува на повеќе библиски настани, меѓу кои приказната за праведниот Јосиф и поуките за верата и искушенијата. На Велики вторник се истакнуваат последните Христови поуки и параболи, кои имаат силна духовна порака за верниците.

Во Велика среда се одбележува предавството на Јуда, а во црквите се извршува осветување на масло, со кое верниците се помазуваат за здравје и духовна сила. Велики четврток е денот кога се одбележува Тајната вечера, воведувањето на причестувањето и поуките за смирение и љубов кон ближниот.

Велики петок се смета за најтажниот ден, бидејќи тогаш Христос бил распнат. Во храмовите нема литургија, а вечерта се изнесува плаштеницата, симбол на неговото полагање во гроб. Верниците минуваат под неа како чин на вера и почит.

Велика сабота е ден на тишина и исчекување, кога се прави духовна подготовка за најголемиот христијански празник – Велигден. Во недела на полноќ се објавува Христовото воскресение, со што завршува постот и започнува празнувањето.

Велигден се слави три дена, а традиционалниот поздрав меѓу верниците е „Христос воскресе“ – „Вистина воскресе“.