Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во Марсеј најави дека казната за употреба на канабис или кокаин ќе се зголеми од 200 на 500 евра. Со оваа мерка, Макрон сака да ги погодe паричниците на корисниците на дрога и да го намали финансирањето на криминалните мрежи за дрога.
Во разговор со читателите на весникот „Прованс“, Макрон го изрази своето незадоволство од младите кои стануваат жртви на дрога и оние кои набавуваат дрога „како за забава“. Тој нагласи дека секој што користи дрога мора да разбере дека придонесува за уништување на градовите и заедниците.
Казната се однесува на лица што поседуваат до 10 грама кокаин или 100 грама канабис и беше воведена во 2020 година со цел да се олесни работата на судовите и да се фокусира борбата против криминалните мрежи.
Макрон, исто така, најави засилени мерки против мрежите за дрога, вклучително и следење на дилерите на социјалните мрежи, кои станале нови платформи за трговија. Тој повика на промена на европските правила за да можат онлајн дилерите да бидат гонети и мрежите да бидат повикани на одговорност.
„Нема да попуштиме, мора немилосрдно да притискаме“, рече Макрон, нагласувајќи дека целта е да се нападнат „шефовите на нарко мрежите“, вклучително и оние што делуваат од странство.
Претседателот посочи и изградба на нови затвори со висок степен на безбедност и „апсолутно невидени нивоа на надзор“, признавајќи дека дилерите ќе продолжат да реагираат и заплашуваат, но дека борбата ќе се интензивира.
















