Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави испраќање висока преговарачка делегација во Соединетите Американски Држави, со цел да се отворат разговори за можен мировен договор со Русија. Потегот доаѓа во чувствителен момент, откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно оцени дека Киев го отежнува процесот за постигнување мир.
Зеленски порача дека Украина, и покрај воените и политичките притисоци, останува во постојан контакт со Белата куќа и дека средбите со американски претставници ќе се одржат во наредните денови. Делегацијата ќе ја сочинуваат клучни личности од украинскиот безбедносен и политички врв, меѓу кои Рустем Умеров, Кирило Буданов и пратеникот Давид Арахамија.
Киев очекува разговорите да донесат јасна слика за документите што веќе се подготвуваат со американска поддршка, но и за реалната позиција на Москва во однос на мировните иницијативи. Според Зеленски, договорот за безбедносни гаранции со САД е речиси финализиран и е блиску до потпис.
И покрај дипломатските напори, директни мировни преговори меѓу Украина и Русија сè уште не постојат. Војната продолжува со несмален интензитет, а Зеленски предупреди дека последните руски напади оставиле милиони Украинци без струја и греење среде екстремно студена зима.
„Украина не е и никогаш нема да биде пречка за мирот“, порача Зеленски, нагласувајќи дека вистинскиот притисок мора да биде насочен кон Москва.

















