Украинското Министерство за одбрана смени висок воен командант откако во јавноста се појавија вознемирувачки фотографии од изнемоштени војници од 14-тата посебна механизирана бригада, кои, според тврдењата, со месеци биле оставени на првата линија без доволно храна и вода.
Скандалот избувна откако Анастасија Силчук, сопруга на еден од војниците, објави фотографии на социјалните мрежи. На нив, војниците изгледаат екстремно ослабени, бледи и видно неухранети, со драстично намалена телесна тежина.
Според сведоштва од нивни блиски, војниците поминале околу осум месеци на позициите на левиот брег на реката Оскил, во близина на градот Купјанск, бранејќи ограничена територија во исклучително тешки услови. Снабдувањето со храна и лекови било можно само преку дронови, поради опасноста од непријателски напади.
Роднините тврдат дека некои од војниците изгубиле и до 40 килограми. Во одредени периоди, тие останувале без храна и до 10, па дури и 17 дена, принудени да пијат дождовница или стопен снег за да преживеат.
Според изјави од семејствата, дел од војниците паѓале во несвест од глад, а комуникацијата со командата била отежната или игнорирана. Случајот, како што велат, не бил изолиран.
По објавувањето на информациите, состојбата наводно почнала да се подобрува. Назначен е нов командант, кој стапил во контакт со семејствата и најавил решавање на проблемите со снабдувањето. Дел од војниците веќе добиле храна, но сè уште владее неизвесност за редовноста на испораките.
Украинската воена команда потврди дека е покрената истрага, а Генералштабот соопшти дека командантот одговорен за логистиката е сменет. Од бригадата признаваат дека постојат сериозни логистички предизвици, особено поради близината до непријателските линии, каде испораките се изложени на постојани напади.
Дополнително, руските сили уништиле мостови во регионот на реката Оскил, што значително го отежнува снабдувањето и движењето на украинските сили. Поради тоа, војниците често мораат пеш да поминуваат долги растојанија, додека за транспорт се користат и беспилотни системи и копнени роботи.
Министерството за одбрана на Украина соопшти дека ситуацијата се следи и дека се преземаат мерки за стабилизирање на снабдувањето, нагласувајќи дека условите на фронтот во одредени зони можат да бидат критични.











