Возачите во Австрија треба да бидат особено внимателни: казни од 20 до дури 10.000 евра им се закануваат ако регистарските таблички, светлата, прозорците или други важни делови од возилото се валкани или невидливи.
Според австрискиот Закон за моторни возила, табличките и сите светла секогаш мора да бидат чисти и без снег. Возачот мора да има непречен поглед низ сите прозорци и ретровизори – само мал прозорец за гледање не е доволен. Ова важи подеднакво и за домашните и за странските возачи, предупредуваат од Австрискиот авто-мото клуб (ÖAMTC).
„Валканите таблички се административен прекршок и може да резултираат со казна на лице место од надлежниот орган – обично од 20 евра или повеќе“, вели Валтер Фајхтнер од австрискиот државен оддел за транспорт.
Во случаи кога возилото е сериозно валкано – на пример, ако светлата се покриени со мраз или снег, прозорците не се изгребани и на покривот има голема количина снег – казната лесно може да достигне 1.500 евра.
Ако возачот не ја плати казната и против него се покрене прекршочна постапка, сумата може да порасне значително – понекогаш и до 10.000 евра.
Висината на казната зависи од сериозноста на прекршокот и претходните прекршоци на возачот. Во исклучително сериозни случаи, кога се направени неколку прекршоци истовремено, може да се изречат повеќе казни одеднаш.
Особено е важно табличките да бидат чисти при пребрзо возење или во случај на сообраќајна несреќа, бидејќи полицијата често ги идентификува возачите токму по регистарските таблички.
Од мото-клубот советуваат: „Проверете ги табличките и светлата пред да тргнете и повремено додека возите подолги растојанија, избришете ги од снег, сол и нечистотија.“
Законот за моторни возила не прави разлика помеѓу различни прекршоци – максималната казна од 10.000 евра опфаќа сè, од непочитување сообраќајни правила до невидливи или оштетени таблички и светла.

















