Началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили, Ејрик Кристоферсен, денеска изјави дека Осло не ја исклучува можноста за идно руско воено дејствување против Норвешка, оценувајќи дека Москва би можела да интервенира со цел да ги заштити своите нуклеарни капацитети на крајниот север на Европа.
„Не ја исклучуваме можноста Русија да ни одземе територија како дел од нивниот план за заштита на сопствените нуклеарни капацитети, што е единственото што им останало, а што всушност претставува закана за Соединетите Американски Држави“, рече Кристоферсен во интервју за британскиот весник „Гардијан“.
Тој нагласи дека Русија нема освојувачки цели кон Норвешка како што има кон Украина или поранешните советски територии, но истакна дека голем дел од рускиот нуклеарен арсенал се наоѓа на полуостровот Кола, во непосредна близина на норвешката граница.
Сценарио за кое се подготвуваат Кристоферсен објасни дека таму се распоредени нуклеарни подморници, копнени проектили и авиони способни за носење нуклеарно оружје, кои би имале клучна улога во случај на поширок конфликт помеѓу Русија и НАТО.
„Тоа е сценарио за кое се подготвуваме на крајниот север“, додаде генерал Кристоферсен.
Тој истакна дека Норвешка, иако ја зема предвид можноста за класична инвазија, во моментов најмногу следи хибридни закани, вклучувајќи саботажи и електронско ометање.
Кристоферсен додаде дека Осло и Москва сè уште одржуваат ограничени контакти, особено во врска со потраги и спасување во Баренцовото море, како и дека постојат редовни состаноци на воени претставници на границата.
Примена на мерки за избегнување ескалација Во интервјуто, Кристоферсен истакна дека се залага за воспоставување директна воена телефонска линија меѓу двете престолнини со цел да се избегнат ескалации поради недоразбирања.
Тој нагласи дека Русија, кога станува збор за арктичкиот архипелаг Шпицберген (Свалбард), го почитува меѓународниот договор од 1920 година кој забранува милитаризација на регионот, отфрлајќи ги обвиненијата за „прикажана милитаризација“ како пропаганда.
Одговарајќи на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина и Русија имаат воени планови за Гренланд, Кристоферсен оцени дека таквите изјави се „многу чудни“, нагласувајќи дека норвешките разузнавачки служби не располагаат со такви информации.
„Рускиот ангажман на Арктикот е насочен пред сè кон Атлантскиот океан, а не кон Гренланд“, заклучи генералот.

















