Вооружен маж беше убиен по престрелка во близина на Белата куќа, откако отворил оган кон безбедносен пункт, по што припадници на американската Тајна служба возвратиле и го неутрализирале напаѓачот.
Инцидентот се случил вчера вечерта во Вашингтон, нешто по 18 часот по локално време. Според официјалните информации, осомничениот извадил оружје од торба и почнал да пука, по што агентите веднаш реагирале.
Напаѓачот бил префрлен во болница, каде што подоцна им подлегнал на повредите. Како осомничен е идентификуван 21-годишниот Насире Бест, кој и претходно имал проблеми со властите.
Според судските документи, тој бил уапсен во јули 2025 година по обид без дозвола да се приближи до друг безбедносен пункт кај Белата куќа. Тогаш, според медиумите, тврдел дека е Исус Христос и сакал да биде уапсен. По сослушувањето му била изречена забрана за приближување, а подоцна бил издаден и налог за приведување поради прекршување на мерките.
Во престрелката е повредено и уште едно лице кое се нашло во близина, но засега не е утврдено дали било погодено од куршумите на напаѓачот или од огнот на агентите.
Од американската Тајна служба соопштија дека ниту еден нивен припадник не е повреден и дека Доналд Трамп, кој во тој момент бил во Белата куќа, не бил во опасност.
Директорот на ФБИ, Каш Пател, изјави дека федералните агенти работат на терен и дека истрагата е во тек.
Американските медиуми наведуваат дека ова е трет вооружен инцидент во близина на Белата куќа во последниот месец.










