Остра реакција од САД по посетата на шпанскиот премиер на Кина: „Приближувањето кон Пекинг е економско самоубиство“.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, остро реагираше на неодамнешната посета на шпанскиот премиер Педро Санчес на Пекинг, оценувајќи дека секоја земја која се обиде да му се приближи на Кина „си го сече грлото“.
„Кинеските производители ќе бараат начин да се ослободат од стоката која не можат да ја продадат во САД. Оној кој соработува со нив, самиот си прави штета“, изјави Бесент.
На ваквите критики одговори шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас, потенцирајќи дека проширувањето на трговските односи, вклучително и со важен партнер како што е Кина, не е насочено против ниту една држава.
Посетата на Санчес резултираше со средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, на која двајцата лидери порачаа дека Европската унија и Кина се залагаат за економска глобализација и слободна трговија. „Во трговските војни нема победници, а Кина не се плаши од притисоци“, изјави Џинпинг.
Ова е прв пат Си Џинпинг да се сретне со странски лидер по интензивирањето на тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон. На средбата беше упатен и директен повик до Европската унија за преземање меѓународна одговорност, што се толкува како индиректна критика кон надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, која, според Пекинг, довела до нестабилност на глобалните финансиски пазари.
Како што пренесува кинеската новинска агенција „Синхуа“, Џинпинг заклучи: „Спротивставувањето на остатокот од светот води кон самоизолација.“