Двајца високо рангирани генерали на иранските вооружени сили, кои биле на функција заменик-началници на Генералштабот, се убиени при израелски воздушен напад врз Техеран, соопшти иранската државна телевизија.
Иако не се објавени дополнителни детали за околностите под кои загинале генералите, новинската агенција Тасним објави видео-снимка од пожар на меѓународниот аеродром Мехрабад во Техеран, каде што се наоѓаат хангари за воени авиони – наводна цел на израелските удари.
Според претходните информации на иранските медиуми, Израел извршил напади и врз станбен комплекс во Техеран, при што загинале најмалку 60 лица, меѓу кои и 20 деца.
Иранските власти, исто така, потврдија дека нуклеарниот објект Фордоу бил погоден и претрпел ограничена штета, но уверуваат дека нема опасност од радијација.