Германскиот канцелар Фридрих Мерц направи остар историски паралел помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и Адолф Хитлер, предупредувајќи дека амбициите на Кремљ нема да застанат само на Украина. Неговиот говор беше одржан на партиската конференција на Христијанско-социјалната унија во Баварија, која е тесно поврзана со неговата партија, Христијанско-демократската унија.
Мерц потсети на Судетската област од 1938 година, која била предадена на Хитлер од сојузниците, и повлече паралела со денешните амбиции на Путин. „Исто како што Судетската област не беше доволна за Хитлер, Путин нема да застане“, истакна германскиот канцелар. „Ако Украина падне, тој нема да запре тука. Ова е агресивна војна на Русија против Украина – и против Европа.“
Според Мерц, целта на Путин е „фундаментална промена на границите во Европа и обновување на старите граници на Советскиот Сојуз“. Изјавата доаѓа во време на зголемени дипломатски напори во Европа. Мерц заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер работат на зајакнување на поддршката за Киев, пред денешниот клучен состанок на европските лидери.
Истовреме, американскиот претставник Стив Виткоф се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска ќе биде угостен од Мерц во Берлин. Се подготвува и мировен план од 20 точки поддржан од САД, кој предвидува и територијални отстапки од украинска страна, вклучувајќи и можност регионот Донбас да стане зона на слободна трговија за американски компании.
















