Претседателот на Здружението нафтени компании на Србија, Томислав Миќовиќ, изјави дека кризата предизвикана од ситуацијата на Блискиот Исток многу брзо ќе се почувствува ширум светот, вклучувајќи ја и Србија.
Тој истакна дека големиот недостиг на сурова нафта, предизвикан од војната на Блискиот Исток, не е нешто што претходно не се случувало, но проблемот е колку долго ќе трае. Според него, долгорочно ваквата ситуација би довела до сериозна економска криза низ светот.
„Не можете да имате толку резерви на производи што би можеле да ги потрошите за овој период, додека кризата не заврши. Не, тоа нема ниту една земја, така што сите земји неизбежно ќе почувствуваат ефекти. Освен оние кои се самодоволни и можат да произведуваат колку што им треба нафтата – тие можат да ги ублажат ефектите“, рече Миќовиќ за РТС.
Цените на нафтата вчера повторно значително пораснаа и се движат кон највисоко ниво од јули 2024 година, бидејќи конфликтите на Блискиот Исток го нарушуваат глобалното снабдување.
- Нафта Brent скокна за повеќе од три отсто, достигнувајќи околу 85 долари по барел.
- Американската сурова нафта WTI (West Texas Intermediate) се зголеми за повеќе од осум отсто, на околу 80 долари по барел, пренесува Трејдинг Економикс.
Сообраќајот на танкери во Ормускиот теснец е главно запрен, а Иран тврди дека со ракета погодил нафтен танкер.
Кинеската влада, дополнително зголемувајќи го притисокот, нареди главните рафинерии да го прекинат извозот на дизел и бензин.
Обидите да се смири пазарот, вклучувајќи предлози за осигурување на пловила и поморска придружба, досега не успеале да ги убедат инвеститорите, кои се сè повеќе подготвени за продолжен конфликт.
Меѓутоа, податоците на Американската администрација за енергетски информации (US Energy Information Administration - EIA) покажуваат дека залихите на сурова нафта во САД пораснале за 3,5 милиони барели, на 439,3 милиони, што е значително над очекувањата и нуди заштита од потенцијални шокови во снабдувањето.

















