Забавите и свадбите знаат да донесат огромни заработки за музичарите, а понекогаш сумите што се делат како бакшиш можат да бидат поголеми и од хонорарот за настап. Токму такво искуство сподели македонскиот пејач Борче Наумовски, кој откри дека една вечер му донела заработка што и денес се памети.
Познатиот пејач, кого многумина го знаат и по прекарот „Министер за естрада“, во едно телевизиско гостување раскажал за најголемиот бакшиш што го добил во текот на својата повеќедецениска кариера. Според неговите зборови, станува збор за настан што се случил пред околу дваесет години, кога живеел и настапувал во Австралија.
Таа вечер пеел на приватна семејна прослава на македонски иселеници. Атмосферата, како што раскажува, била толку добра што гостите буквално го наградувале со пари за секоја изведена песна. Бидејќи настапувал сам, целиот бакшиш останал кај него.
На крајот од вечерта сумата достигнала повеќе од 10.000 австралиски долари – бројка која и денес звучи импресивно. Пејачот открил дека и на други настапи низ Европа знаел да добие слични награди од публиката.
Борче Наумовски е едно од препознатливите имиња во македонската новокомпонирана народна музика. Во текот на кариерата настапил на десетици фестивали и има објавено неколку студиски албуми. Неговите песни се особено популарни меѓу македонската дијаспора, па редовно настапува во земји како Австралија, Шведска, Германија и Швајцарија.
По повод 30 години музичка кариера, пејачот најави и голем солистички концерт во Битола, со кој ќе го одбележи својот долг пат на естрадата.


















