Соединетите Американски Држави ги информирале сојузниците дека нема да учествуваат во идни воени вежби во Европа, освен оние што се веќе закажани за 2025 година, објави шведскиот медиум „Експресен“.
Според нивни извори, оваа одлука ќе влијае на неколку планирани воени вежби во Шведска кои сè уште се во фаза на подготовка.
Од јануари, кога ја презеде функцијата, Доналд Трамп јасно најави дека сака да ги префрли американските безбедносни приоритети на Кина и Индо-Пацифичкиот регион.
Последните потези на Трамп предизвикаа загриженост кај европските сојузници, вклучувајќи намалување на воената помош и разузнавачката поддршка за Украина, како и исклучување на европските земји од мировните преговори со Русија во Саудиска Арабија.
Европските земји, свесни за промените во глобалната безбедносна политика, почнаа да се прилагодуваат на новите околности. Членките на ЕУ се согласија на распределба која би можела да достигне 800 милијарди евра за одбранбени трошоци.
Соединетите Американски Држави со години спроведуваат заеднички воени вежби со европските партнери за подобрување на соработката и тестирање на подготвеноста на силите, но оваа нова одлука сигнализира промена во американската надворешна и одбранбена политика, пишува „Експресен“.