Американскиот претседател Доналд Трамп остро го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го дека дозволил избувнување на војната во Украина. Во објава на неговата платформа Truth Social, Трамп напиша дека „Зеленски и Бајден направија апсолутно ужасна работа дозволувајќи оваа пародија да започне“.
Тој истакна дека, доколку останел во Белата куќа по првиот мандат, конфликтот никогаш немало да започне. „Ако претседателските избори во 2020 не беа НАМЕСТЕНИ – а беа, на многу начини – оваа ужасна војна немаше ни да се случи“, напиша Трамп, ден по балистичкиот напад на руската армија врз украинскиот град Суми.
Ова не е првпат Трамп да го напаѓа Зеленски – во минатото го нарече и „диктатор“, иако подоцна го повлече тој коментар. Во текот на својата претходна кампања, Трамп повеќепати повторуваше дека војната немаше да се случи доколку тој бил на власт.
Во разговор со новинари, Трамп го оцени Зеленски како некомпетентен, заедно со поранешниот американски претседател Џо Бајден. „Ако Бајден беше компетентен, и ако Зеленски беше компетентен – што не сум сигурен дека е – оваа катастрофа ќе можеше да се спречи“, рече Трамп, додавајќи: „Не започнуваш војна со некој кој е 20 пати поголем од тебе, а потоа се надеваш дека ќе добиеш проектили од други“.
На крајот, Трамп заврши со остра констатација: „Милиони луѓе страдаат поради три личности“.