ПРВ.мк

Коњановски: Асфалтирање на улицата „Бурса“ во финална фаза – нов импулс за стопанството во Битола

Коњановски: Асфалтирање на улицата „Бурса“ во финална фаза – нов импулс за стопанството во Битола

Улицата „Бурса“ во Битола добива нов изглед. Градоначалникот Тони Коњановски и советникот Бојан Бојкоски денеска извршија увид во тековните активности за асфалтирање на оваа значајна сообраќајница, која влегува во финална фаза од реализацијата.

Асфалтирањето се одвива на потегот од новопроектираната улица „Индустриски пат“ до „Пивара“, вклучувајќи го и делот кон А.Д. Фабрика за квасец и алкохол, како и Фабриката за шеќер. Проектот опфаќа реконструкција на коловоз во должина од 2418 метри, со вкупна вредност од 37,6 милиони денари, обезбедени преку Светска банка во рамките на програмата за поврзување на локални патишта.

„Со реконструкцијата на улицата ‘Бурса’ решаваме едно долгогодишно барање на стопанствениците од овој дел на градот. Овој инфраструктурен зафат ќе го растовари сообраќајот од тешки товарни возила на улицата ‘Македонски гемиџии’ и ќе овозможи подобри услови за деловно функционирање“, изјави Коњановски.

Градежните работи ќе продолжат и утре, согласно динамиката на изведувачот, а целта е максимално олеснување на индустрискиот и локалниот сообраќај, што директно ќе придонесе за поефикасно стопанско работење во Битола.

Vero
Agria