ПРВ.мк

Трамп ја налути Индија, Пакистан слави: Примирјето предизвикува нови тензии

Трамп ја налути Индија, Пакистан слави: Примирјето предизвикува нови тензии
Jumbo Banner

По четири дена од најжестоките судири меѓу Индија и Пакистан во последните 50 години, придружени со закани за употреба на нуклеарно оружје, американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека двете земји постигнале „целосно и непосредно примирје“.

Но, изјавата на Трамп, објавена на неговата социјална мрежа Truth Social, ги изненади и налути високите индиски претставници во Њу Делхи. Според агенцијата „Блумберг“, гневот не произлегува само од американските обиди да се деескалира конфликтот, туку и од начинот на кој Трамп ја третираше ситуацијата.

Разговорите меѓу двете страни се воделе тајно, и покрај размената на ракетни и дрон напади кои ги погодувале воените бази на двете земји – што претставува најинтензивен конфликт по војната во 1971 година. Индија е особено револтирана поради тоа што Трамп со својата изјава, според нив, го засенил премиерот Нарендра Моди, ја поткопал индиската позиција дека спорот за Кашмир мора да се решава билатерално и – можеби најчувствително – ги ставил Индија и Пакистан во еднаква рамка, иако Индија има далеку посилна економија и дипломатска тежина.

Остро реагираше и познатиот националистички новинар Арнаб Госвами, еден од најгласните поддржувачи на Моди. Во својата вечерна емисија тој повика на остар воен одговор, по нападот во градот Пахалгам, под индиска контрола во Кашмир, каде на 22 април беа убиени 26 лица – претежно туристи. Индиската влада го оцени нападот како најтежок терористички чин по нападите во Мумбаи во 2008 година и директно го обвини Пакистан, кој, пак, ја негираше вмешаноста.

Иако финансиските пазари го поздравија примирјето, останува нејасно дали тоа ќе трае. Неколку часа по изјавата на Трамп, двете страни пријавија нови напади со дронови долж т.н. Линија на контрола – фактичката граница во Кашмир. Сепак, во неделата немаше индикации за сериозни прекршувања на прекинот на огнот.

Дополнително, Индија одби да го обнови деценискиот договор за водоснабдување, кој е од клучно значење за пакистанската економија – уште еден знак на затегнати односи.

Начинот на кој беше постигнато примирјето, според некои аналитичари, би можел да послужи како основа за уште поголеми судири во иднина. Дел од индиската јавност гледа на исходот како дипломатски пораз, што врши дополнителен притисок врз владата на Моди за остар одговор при идни прекугранични провокации или напади врз цивили.

Во Пакистан, пак, примирјето беше прославено со огномети и јавни прослави. Армијата беше прогласена за победник, што може да послужи како поддршка за понатамошна слична стратегија во идни конфликти.

Официјални лица, запознаени со ситуацијата, предупредуваат дека во последните четири дена биле преминати „црвени линии“, што би можело да ги направи идните конфликти уште потешки за контрола и деескалација. За разлика од претходните години, кога нападите беа ограничени на регионот Кашмир, сега целиот појас од Кашмир до Индискиот Океан е под закана, вклучувајќи и бази во близина на големите урбани центри.

Дополнително, се користи сè пософистицирано и поразорно оружје – од камиказа дронови до кинески борбени авиони, кои, според извештаите, покажале висока ефикасност.

Иако Трамп инсистира на мир, изгледите за конечно решение на спорот во Кашмир остануваат мали. Последните настани само го нагласуваат потенцијалот за нови, уште посериозни судири.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран