Нови тензии се отворија околу Ормускиот теснец, откако американски воени бродови минале низ овој стратешки важен поморски коридор за првпат од почетокот на војната, додека во исто време траат мировни разговори меѓу Вашингтон и Техеран во Пакистан. Американски извори велат дека станува збор за операција насочена кон обезбедување слобода на пловидба и враќање на довербата кај трговските бродови да продолжат со движење низ теснецот.
Од иранска страна, пак, следува сосема поинаква верзија. Тамошните медиуми и официјални извори тврдат дека американскиот брод добил остро предупредување и дека преку пакистански посредници било испратено јасно известување оти ќе биде нападнат во рок од 30 минути доколку продолжи со движењето. Според таа верзија, бродот потоа запрел и се повлекол, што Техеран го претставува како резултат на својата решителна реакција. За ова тврдење засега нема независна потврда од американска страна.
Целиот развој на настаните доаѓа во особено чувствителен момент, затоа што повторното отворање на Ормускиот теснец е една од клучните точки во разговорите за одржување на прекинот на огнот. Станува збор за еден од најважните морски премини во светот, низ кој минува голем дел од глобалната трговија со нафта и гас, па секое ново заострување таму веднаш предизвикува меѓународно внимание.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД веќе почнуваат со расчистување на морските мини во теснецот, оценувајќи дека тоа се прави во интерес на повеќе држави низ светот. Американски и меѓународни извори потврдуваат дека воени активности поврзани со безбедноста на пловидбата навистина се во тек, но состојбата останува крајно напната и неизвесна.










