ПРВ.мк
Свет

Почнаа директни разговори меѓу САД и Иран, а Техеран веќе изнесе 10 тешки услови

Почнаа директни разговори меѓу САД и Иран, а Техеран веќе изнесе 10 тешки услови

Во Исламабад денеска започнаа директни разговори меѓу САД и Иран, што според светските медиуми претставува највисоко ниво на контакт меѓу двете земји уште од 1979 година. Средбата се одржува со посредство на Пакистан, а во фокусот се ставаат прекинот на конфликтот, состојбата во регионот и иднината на Ормускиот теснец. Делегацијата на САД ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, а на иранска страна меѓу главните личности се Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.

Иран уште на самиот почеток јасно ставил до знаење дека нема да влезе лесно во договор. Според Reuters, Техеран бара прекин на непријателствата и во Либан, укинување на американските санкции, одмрзнување на ирански средства во странство, како и признавање на неговото право да збогатува ураниум. Меѓу барањата се споменуваат и компензација за штетите од војната, повлекување на американските борбени сили од регионот, гаранции за ненапаѓање и поголема улога на Иран во контролата на Ормускиот теснец.

Од американска страна, пак, клучните позиции остануваат непроменети. Вашингтон инсистира на слободна пловидба низ Ормускиот теснец без ограничувања, како и на сериозно ограничување на иранската нуклеарна програма и ракетните капацитети. Иако разговорите се оценуваат како историски, извештаите покажуваат дека меѓу двете страни и натаму има голема недоверба и длабоки разлики околу тоа што воопшто би значело прифатлив мировен договор.

Средбата во Пакистан доаѓа во исклучително чувствителен момент, по шест недели војна што предизвика големи последици врз Блискиот Исток, светската економија и енергетските пазари. Засега нема потврда дека е постигнат конкретен напредок, но веќе е јасно дека овие преговори ќе зависат од многу повеќе од една маса и еден состанок.