Британскиот премиер Кир Стармер и султанот на Оман, Хаитам бин Тарик, упатија заеднички апел до САД и Иран да ги намалат тензиите, откако мировните разговори не донесоа резултат.
Според британската влада, двајцата лидери разговарале за состојбата по преговорите што се одржаа во Исламабад и се согласиле дека е неопходно да се избегне понатамошна ескалација. Тие нагласиле дека зачувувањето на примирјето е клучно за стабилноста во регионот.
Во фокусот на разговорите била и безбедноста на поморскиот сообраќај, особено низ Ормускиот теснец, кој е од витално значење за глобалното снабдување со енергенси.
Стармер, кој неодамна го посети регионот и оствари средби со сојузници како Катар и Обединети Арапски Емирати, истакнал дека меѓународната заедница продолжува со напори за стабилизирање на ситуацијата и обезбедување безбедно движење на бродовите.
Повикот доаѓа во момент кога тензиите се зголемени, а секој нов потег може да има сериозни последици за целиот регион и глобалната економија.










