Силните врнежи и невреме што од средата зафатија делови од Индија и Непал предизвикаа смрт на речиси 100 лица, а метеоролозите најавуваат продолжување на нестабилното време со невообичаено интензивни врнежи за овој период од годината.
Според Индиската метеоролошка служба (IMD), земјата е погодена од екстремни временски услови – топлотни бранови на запад и силни грмежи и врнежи на исток и централниот дел.
Најмалку 64 лица загинале во источната индиска сојузна држава Бихар, каде врнежите предизвикале низа несреќи, соопшти висок претставник на Државниот оддел за управување со катастрофи за агенцијата Ројтерс.
Локалните медиуми јавуваат дека уште над 20 луѓе го загубиле животот во најнаселената индиска држава Утар Прадеш.
Во соседен Непал, според Националната служба за управување со катастрофи, громови и поројни дождови одзеле најмалку осум човечки животи.
Индиските метеоролози предупредуваат дека ваквите услови ќе продолжат до сабота, со силни врнежи, грмотевици, електрични празнења и ветрови во источна и централна Индија.
Сезоната на монсуни обично започнува во јуни, но последните години летните месеци се сè почесто проследени со екстремни топлотни бранови. Минатата недела IMD предвиде значително потопол април со температури над просекот низ поголем дел од земјата.