Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет го разреши генерал-потполковник Џефри Круз од функцијата директор на Одбранбената разузнавачка агенција (DIA), јавува CNN, повикувајќи се на извори од Белата куќа.
Причината за смената е контроверзниот извештај на агенцијата за штетата врз иранските нуклеарни постројки по американските напади, кој директно се спротивстави на изјавите на претседателот Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Според извештајот, ударите го забавиле иранскиот нуклеарен програм само за неколку месеци, додека официјалните претставувања тврделе дека штетата е значително поголема.
Смената на Круз претставува дел од серијата потреси во американскиот воен и разузнавачки врв и следи неколку месеци по протекувањето на извештајот во медиумите, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу Пентагон и Белата куќа.
Во јуни, Хегсет јавно ги обвини медиумите за „пристраност против војската“, без да презентира докази за целосното уништување на иранските нуклеарни објекти. Истовремено, Пентагон објави дека началникот на американското Воено воздухопловство, генерал Дејвид Олвин, ќе замине во пензија две години порано од планираното.










