Киев демантира дека Курската област е под целосна руска контрола
Украинскиот Генералштаб денеска ги отфрли како „пропаганден трик“ изјавите на руската воена команда дека борбените дејства во руската Курска област се завршени и дека регионот е под целосна руска контрола.
Во објава на официјалната Фејсбук страница, украинската армија соопшти дека во одредени делови од Курската област сè уште се водат одбранбени операции.
„Оперативната состојба е тешка, но нашите единици и понатаму држат позиции, извршуваат задачи и им нанесуваат значителни загуби на руските сили со употреба на различни видови вооружување, вклучително и со примена на тактика на активна одбрана“, се наведува во соопштението.
Украинската страна информира и дека од почетокот на денот биле одбиени пет руски јуришни обиди во регионот, а во моментот се води уште едно борбено дејство. Според истите информации, нема опасност од опколување на украинските сили во тој дел од фронтот.
Активни се и борбите во делови од соседната Белгородска област, информираат од Киев.
Од другата страна, Кремљ денеска објави дека началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, го информирал претседателот Владимир Путин за, како што беше соопштено, „ослободување“ на Курската област од украинско присуство.
„Целосниот пораз на непријателот во граничниот регион Курск создава услови за понатамошен напредок на нашите сили на други клучни делови од фронтот и го приближува поразот на неонацистичкиот режим во Украина“, изјавил Путин на состанокот со Герасимов, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Да потсетиме, украинските сили на 6 август 2024 година извршија упад во Курската област, но нивниот напредок беше брзо запрен.
Противречните изјави и натаму ја одразуваат сложената реалност на терен и продолжениот конфликт кој се одвива не само во Украина, туку сè почесто и на територија на Руската Федерација.