Зеленски: Руски наративи доминираат во САД, Вeнс индиректно ја оправдува агресијата на Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, дека „на некој начин ја оправдува“ руската инвазија врз Украина – што претставува најостра критика упатена до висок американски политичар од страна на Зеленски, по нивната бурна средба во Овалната соба во февруари.
Во интервју за американската емисија 60 минути, Зеленски изрази загриженост дека дел од американската администрација паднала под влијание на руската пропаганда и прифаќаат „изменета реалност“ во која не е јасно кој ја започнал војната, пренесува Politico.
„За жал, верувам дека руските наративи стануваат доминантни во САД“, изјави Зеленски, според преводот објавен од CBS News.
„Ова говори за огромното влијание што руската информативна политика го има врз Америка, врз американската политика и врз самите американски политичари“, додаде украинскиот претседател.
Тој посебно го издвоил потпретседателот Венс, обвинувајќи го дека „на некој начин ги оправдува постапките на Путин“.
„Се обидов да објаснам: Не може да се бара некаква средина. Постои агресор и постои жртва. Русија е агресорот, ние сме жртвите“, нагласи Зеленски, повикувајќи се на нивниот тензичен разговор во Белата куќа пред неколку месеци.
Овие изјави доаѓаат во период на зголемени тензии околу американската поддршка за Украина и во време кога украинското раководство апелира за јасна позиција од страна на своите западни партнери.