ПРВ.мк

Се огласи и Путин после разговорот со американскиот претседател Трамп

Се огласи и Путин после разговорот со американскиот претседател Трамп
Jumbo Banner

Путин: Русија е подготвена за мировен меморандум со Украина – телефонскиот разговор со Трамп бил искрен и корисен

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да соработува со Украина во насока на изготвување меморандум кој би ги дефинирал основните елементи на можен иден мировен договор. Според него, тоа би вклучувало одредување на принципите за решавање на конфликтот, временска рамка и потенцијален прекин на огнот, доколку се постигнат релевантни договори.

Оваа изјава следува по дводелниот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, кој, како што јавуваат руските медиуми, бил инициран со цел да се разгледаат можностите за политичко и дипломатско решение на воениот конфликт во Украина.

„Разговорот беше искрен, информативен и многу корисен“, изјави Путин пред новинарите во Сочи, од каде што го водел разговорот со Трамп.

Рускиот претседател истакна дека за да се постигне вистински напредок, и Москва и Киев мора да покажат подготвеност за компромис.

„Прашањето е дали двете страни ќе демонстрираат максимална желба за мир и ќе постигнат компромис што ќе биде прифатлив за сите“, нагласи Путин, додавајќи дека ставот на Русија е јасен: главна цел е да се отстранат коренските причини за кризата.

Тој откри дека и Трамп, во разговорот, ја изразил својата заложба за прекин на непријателствата во Украина и поддршка за мирно решавање на конфликтот. „Русија секогаш била за мирно решение на украинската криза“, нагласи Путин.

Претседателот додаде дека се продолжуваат контактите меѓу делегациите кои учествуваа на претходните преговори во Истанбул, што, според него, е позитивен сигнал.

„Тоа ни дава причина да веруваме дека сме на вистинскиот пат“, заклучи рускиот претседател.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран