Путин и Трамп телефонски разговараа за иднината на руско-американските односи и нова размена на затвореници
Рускиот претседател Владимир Путин и актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска одржаа телефонски разговор во кој, според соопштението на Кремљ, двајцата лидери ја изразиле својата подготвеност за лична средба. Покрај тоа, биле разгледани и идните чекори во односите меѓу двете земји, како и можноста за нова размена на затвореници.
Како што пренесува агенцијата „Ројтерс“, советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјавил дека разговорот бил „детален и конструктивен“, и оти Трамп, според него, „многу емотивно“ зборувал за потенцијалот на билатералната соработка.
„Тој особено нагласи дека перспективите за руско-американските односи по решавањето на конфликтот во Украина се навистина импресивни, и ја гледа Русија како еден од клучните партнери на САД во економијата и трговијата“, изјави Ушаков.
Во разговорот, кој, според Кремљ, се одвивал во пријателска атмосфера, двајцата претседатели се обраќале еден на друг по име, а Путин му честитал на Трамп за раѓањето на неговиот внук.
Трамп, пак, изјавил: „Владимир, можеш да ме повикаш кога сакаш. Ќе ми биде мило да разговараме.“
Според Ушаков, во тек се подготовки за нова размена на затвореници, во која би биле вклучени по девет лица од двете страни, но тој не прецизираше кога би можела да се реализира оваа иницијатива.
На новинарско прашање дали било разговарано за можноста за укинување на американските санкции кон Русија, Ушаков одговори дека Трамп го спомнал постоењето на предлог-закон за нови санкции во американскиот Сенат, но додал дека „тој лично не е поборник на санкции, туку на договори“.
Двете страни, како што соопшти Кремљ, наскоро ќе започнат со координација за организирање на потенцијална средба на највисоко ниво, иако конкретна локација сè уште не е утврдена.