Пентагон започна директни разговори со своите сојузници Јапонија и Австралија, барајќи јасност околу нивната улога во евентуален вооружен конфликт со Кина околу Тајван, објави Фајненшл тајмс повикувајќи се на извори блиски до ситуацијата.
Според весникот, заменикот-министер за одбрана на САД, Елбриџ Колби, го отворил чувствителното прашање во рамки на неодамнешни состаноци со високи претставници за одбрана од двете земји. Очекувано, ова барање ги изненадило и Токио и Канбера, бидејќи самите САД сè уште немаат дадено експлицитна безбедносна гаранција дека ќе го бранат Тајван во случај на напад.
Колби, кој важи за архитект на стратегијата на Вашингтон за фокусирање кон Индо-Пацификот и натпреварот со Пекинг, смета дека е крајно време сојузниците да имаат појасна и поактивна улога во регионалната безбедност.
Иако немаат официјални дипломатски односи со Тајван, САД остануваат главен воен поддржувач и снабдувач со оружје на островот. Во последните неколку години, тензиите растат – Кина изврши повеќе воени вежби во близина на Тајван, демонстрирајќи сила и испраќајќи силна политичка порака. Пекинг го смета Тајван за своја територија, додека Тајпеј цврсто го отфрла тоа тврдење, инсистирајќи на својата автономија.
Овие нови дипломатски и воени консултации на САД со партнерите се дел од пошироки напори за координирана стратегија во регионот. Иако Јапонија и Австралија се формално блиски сојузници на Америка, прашањето за воена интервенција останува крајно чувствително – и политички, и стратешки.
Позициите на сојузниците сè уште не се објавени, но очекувањата се дека во наредниот период ќе следуваат нови дипломатски иницијативи и координации. Вашингтон очигледно сака да знае – ако дојде до конфликт, на кого може навистина да смета.