Кремљ соопшти дека Русија е во постојан контакт со иранското раководство поради, како што наведоа, „отворена агресија“ врз Техеран и дека е длабоко разочарана од развојот на настаните.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата го осуди убиството на иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи како „цинично“, додека руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека го турнале Блискиот исток „во бездна на неконтролирана ескалација“.
Песков: Длабоко разочарување по развојот на преговорите
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија ја анализира ситуацијата и носи свои заклучоци откако Вашингтон одлучи да започне напади врз Иран, иако, според Москва, преговорите беа ветувачки.
– Што се однесува до преговорите меѓу САД и Иран, со посредство на Оман, можеме само да изразиме длабоко разочарување, бидејќи, и покрај извештаите за значителен напредок во тие преговори, ситуацијата сепак се влоши во отворена агресија – рече Песков.
Тој додаде дека Путин подоцна во текот на денот треба да оствари меѓународен телефонски разговор во врска со Иран, но не откри со кого.
– Можам само да кажам дека сме во постојан контакт со иранското раководство и разговараме за ситуацијата во таа земја. Истовремено продолжуваме дијалог со раководствата на земјите погодени од конфликтот, вклучително и со земјите од Персискиот Залив – истакна Песков.


















