Администрацијата на Трамп наводно подготвена да ја признае руската контрола врз Крим
Американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп, наводно е подготвена да ја прифати руската контрола врз Крим како дел од поширок мировен предлог за ставање крај на војната во Украина, јавува Си-Ен-Ен повикувајќи се на добро информирани извори од дипломатските кругови.
Според нивните информации, планот предвидува и воспоставување прекин на огнот долж актуелните линии на фронтот, што би значело замрзнување на конфликтот во неговата сегашна форма.
Како што пренесуваат изворите, овој предлог бил презентиран на европските и украинските претставници за време на состанокот кој се одржал во четвртокот во Париз. Дополнително, мировната рамка била тема и во неодамнешниот телефонски разговор помеѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Иако деталите сè уште не се официјално објавени, делови од планот сега се доработуваат, а САД планираат да продолжат со координација со европските сојузници и Украина веќе следната недела на нова рунда разговори во Лондон.