Поранешен украински функционер убиен во Мадрид – истрагата во тек
Поранешниот украински политичар Андриј Портнов, кој беше дел од владејачката структура за време на претседателскиот мандат на Виктор Јанукович, беше убиен утрово во Мадрид, пред влезот на елитно американско училиште, соопштија шпанските власти.
Според информациите на весникот Ел Паис, нападот се случил околу 9:15 часот, додека 51-годишниот Портнов го придружувал своето дете во училиштето. Непознати напаѓачи отвориле оган и го застрелале петпати – во главата и грбот. Тој починал на самото место, покрај неговото возило од марката „Мерцедес“.
Сведоци и безбедносни извори наведуваат дека напаѓачите биле најмалку две или три лица, кои најверојатно го чекале Портнов да ја остави ќерката во училиштето, по што веднаш ја извршиле егзекуцијата. Досега никој не е уапсен, а шпанската полиција ја води истрагата во насока на професионално извршено убиство.
Портнов беше висок функционер во кабинетот на претседателот Јанукович од 2010 до 2014 година, по што замина во егзил. Во 2021 година, американските власти му воведоа санкции поради, како што беше наведено, негово учество во корупциски активности, особено во сферата на судството во Украина.
Истрагата продолжува, а мотивите засега остануваат непознати.