Трамп: Индија понудила трговски пакт со нула царини за американски производи
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во моментов се наоѓа во Доха, изјави дека Индија понудила на САД трговски пакт кој би вклучувал “практично нула царини” за голем број американски производи.
Преговарачите од Индија изразиле подготвеност за понатамошно намалување на царините за американските производи, вклучувајќи и укинување на даноците за некои земјоделски производи. Целта е да се зголеми трговијата меѓу САД и Индија на 500 милијарди долари до 2030 година. Оваа цел беше договорена за време на средбата помеѓу индискиот премиер Нарендра Моди и претседателот Трамп во февруари, јавува Бизнис Стандард.
Меѓутоа, индиската влада нагласи дека не е официјално обврзана на намалување на царините и дека разговорите сѐ уште се во тек.
Паралелно со овие преговори, Европската Унија и САД постигнаа договор за интензивирање на разговорите за можен трговски договор меѓу двете страни.
Трамп одржа говор на состанокот со деловни лидери во Доха, меѓу кои беа и челниците на големите компании „Боинг“ и „Џе Аероспејс“, еден ден по обелоденувањето на серија деловни зделки, вклучувајќи ја и нарачката од Катар за 160 комерцијални авиони „Боинг“.
Како што е соопштено, Трамп денеска ќе отпатува за Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, каде ќе ја заврши својата последна фаза на патувањето низ Блискиот Исток, кое ќе заврши утре.