Откако германската компанија HiPP се најде во центарот на сериозен скандал што ги вознемири родителите, фирмата излезе со ново соопштение во кое тврди дека е жртва на уцена. Случајот изби откако во тегличка со бебешка храна купена во Австрија бил пронајден опасен отров за стаорци.
Од компанијата информираат дека станува збор за надворешна манипулација која ги зафатила и пазарите во Чешка и Словачка. Според нив, уценувачот испратил електронска порака на општ мејл кој не се проверува постојано, но веднаш штом пораката била забележана, случајот бил пријавен кај полицијата.
Компанијата нагласува дека без одложување бил формиран кризен тим и биле преземени итни мерки за заштита на потрошувачите. Во тек е блиска координација со надлежните институции, како во делот на истрагата, така и во комуникацијата со јавноста.
Од HiPP потенцираат дека инцидентот не е поврзан со квалитетот на нивните производи, туку станува збор за криминален чин надвор од нивна контрола. Производствените процеси, како и системите за контрола на квалитет, функционираат нормално и без ограничувања, а засега нема информации за дополнителни случаи на манипулација.
Сепак, компанијата упати важни препораки до родителите и сите потрошувачи. Се советува внимателно да се проверува пакувањето пред употреба, особено дали тегличките се неоштетени и дали вакуумот е зачуван. Посебно внимание треба да се обрне на карактеристичниот звук при отворање – т.н. „клик“, кој е знак дека производот не бил претходно отворен. Доколку има било какви отстапувања, како необичен мирис или сомнителен изглед на содржината, производот не треба да се користи.
Истрагата е сè уште во тек, а полицијата активно работи на откривање на лицето кое стои зад уцената и кое со овој чин директно ја загрозило безбедноста на најранливите – децата.










