Велес утре ќе биде во знакот на кошарката, откако Борец на домашен терен го игра реванш полуфиналниот натпревар против екипата на Струмица. Во салата „Гемиџии“ со почеток од 19:00 часот, велешани ќе имаат можност да му дадат силна поддршка на својот тим во еден од најважните натпревари сезонава.
Станува збор за дуел во кој Борец ќе ја бара неопходната победа за израмнување на серијата на 1-1 и задржување на шансите за пласман во големото финале. Очекувањата се трибините да бидат исполнети до последно место, а домашниот тим да добие дополнителен мотив од поддршката која во вакви натпревари знае да биде пресудна.
Од таборот на Борец упатија јасен повик до сите љубители на спортот и до сите велешани да дојдат во сала и да застанат зад својот тим како вистински шести играч. Влогот е огромен, а амбицијата – јасна: победа и враќање во игра за финалето.
Дополнителен мотив за публиката е и фактот што влезот е бесплатен, што отвора можност салата „Гемиџии“ да биде исполнета и Велес обединет да испрати силна порака дека стои зад својот клуб кога е најпотребно.
Натпреварот се игра во среда, 22 април 2026 година, со почеток од 19:00 часот. Од клубот информираат дека евентуална промена на терминот ќе биде дополнително соопштена.










