Обединетите нации усвоија нова карта на светот, а начинот на кој на неа е прикажан Крим предизвика реакција од Украина.
Новата карта се заснова на проекцијата „Equal Earth“ и беше прифатена на 4 септември. На неа Крим е обоен во сива боја и визуелно е одвоен од останатиот дел од Украина, кој е прикажан во зелена боја. Полуостровот, сепак, не е прикажан ниту како дел од Русија.
Украина не ја поддржа резолуцијата и реагираше поради ваквиот приказ. Покрај неа, воздржани биле Естонија, Грузија, Литванија, Молдавија и Србија, додека Соединетите Американски Држави биле единствената земја што гласала против.
Резолуцијата „Да ја исправиме картата“ била предложена од Того со поддршка на Африканската унија, а ја поддржале 164 држави. Нејзината цел е традиционалната Меркаторова проекција да биде заменета со „Equal Earth“, која попрецизно ги прикажува соодносите во големината на континентите и државите.
Од Европската унија нагласиле дека резолуцијата не се однесува на прашања за суверенитет, територијален статус или меѓународно признати граници и дека не подразбира признавање или поддршка на какви било територијални претензии.
Крим е под руска контрола од 2014 година, додека Украина и поголемиот дел од меѓународната заедница го сметаат полуостровот за дел од украинската територија.







