Велика Британија и Франција ја спроведоа својата прва заедничка воена вежба во која беа вклучени и француските воздухопловни сили задолжени за нуклеарно одвраќање, соопшти денеска француското Министерство за вооружени сили.
Во рамките на вежбата, британските борбени авиони „Тајфун“ за првпат се придружиле на француските авиони „Рафал“. Активноста била организирана од француските Стратешки воздухопловни сили.
Француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотран, ја објави информацијата на социјалната мрежа Икс, истакнувајќи го значењето на соработката меѓу двете европски држави во областа на безбедноста и одбраната.
„Независните нуклеарни сили не ја исклучуваат координацијата“
Вотран нагласи дека фактот што двете земји располагаат со независни нуклеарни сили не претставува пречка за меѓусебна координација и соработка.
Според неа, нуклеарната соработка меѓу Франција и Обединетото Кралство продолжува да се продлабочува, што ја нагласува важноста на нивната меѓусебна координација во одбранбените прашања.
Заедничката вежба претставува нов чекор во воената соработка меѓу Лондон и Париз, особено во чувствителната област на нуклеарното одвраќање. Сепак, двете земји и понатаму ги задржуваат своите независни нуклеарни капацитети.









