Сингапур воведе нови правила според кои учениците што малтретираат други, вклучително и преку интернет, може да се соочат со физичка казна – тепање со стап. Оваа мерка, која веќе предизвикува бурни реакции, ќе се применува за момчиња постари од девет години, а максималната казна може да изнесува до три удари. Новите насоки беа разгледувани во парламентот, пренесува „The Guardian“.
Министерот за образование Дезмонд Ли нагласил дека оваа казна ќе се користи исклучиво како последна опција, кога сите други дисциплински мерки нема да дадат резултат. Тој објаснил дека одлуката доаѓа по едногодишна анализа на системот за справување со врсничко насилство, иницирана по неколку случаи кои ја вознемириле јавноста.
Според новите правила, училиштата ќе мора да следат строги процедури. Казната може да биде изречена само со одобрение од директорот, а нејзиното извршување ќе биде доверено исклучиво на овластени наставници. Дополнително, ќе се земаат предвид фактори како зрелоста на ученикот и дали ваквата мерка може да има воспитен ефект.
По извршувањето на казната, училиштата ќе имаат обврска да ја следат состојбата на ученикот и да му обезбедат психолошка поддршка и советување, со цел да се спречи повторување на однесувањето.
Интересно е што оваа мерка ќе важи само за момчиња во повисоките одделенија на основното образование и понатаму. За ученичките ќе се применуваат други дисциплински мерки, како задржување во училиште, суспензија или намалување на оценките за поведение. Оваа разлика произлегува од постојните законски ограничувања во земјата, кои не дозволуваат физичко казнување на жени.
Физичкото казнување со стап има долга историја во Сингапур, уште од времето на британската колонијална власт, и сè уште се користи како судска казна за одредени кривични дела кај машки сторители.
Сепак, меѓународните организации како УНИЦЕФ се против ваквите практики, предупредувајќи дека физичкото казнување може да има негативни последици врз физичкото и менталното здравје на децата и да доведе до долгорочни проблеми во однесувањето.
И Светска здравствена организација во свој извештај посочува дека ваквиот вид дисциплина и понатаму е широко распространет на глобално ниво. Според нивните проценки, околу 1,2 милијарди деца секоја година се изложени на физичко казнување во домашна средина.
Со оваа одлука, Сингапур отвора ново поглавје во борбата против врсничкото насилство, но истовремено ја разгорува дебатата за границите на дисциплината и заштитата на детските права






