Нова размена на телата на загинати војници меѓу Украина и Русија
Украинските власти потврдија дека е извршена нова размена на телата на загинатите војници со Русија. Според соопштението на украинската државна служба задолжена за прашања поврзани со воени заробеници, од Русија биле вратени телата на 909 украински војници.
Телата, според информациите, припаѓаат на војници кои го загубиле животот во борбите на фронтовите во источна Украина – во регионите Доњецк, Луганск, Запорожје, Суми и Харков. Дел од нив биле преземени и од мртовечници на територијата на Русија, вклучително и од граничниот регион Курск, од каде украинските сили неодамна биле потиснати.
Од друга страна, според извештаи на руските медиуми, Русија во истата размена добила тела на 41 свој војник.
Размената е спроведена со посредство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и била договорена и реализирана на Велики петок, потврдија украинските надлежни институции.