Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот низ шега изјави дека би сакал токму тој да биде следниот папа, во време кога Католичката црква се подготвува за избор на нов духовен лидер по смртта на папата Франциск.
„Би сакал да бидам папа. Тоа би ми било прв избор“, одговори Трамп на новинарско прашање кого би сакал да го види како наследник на папата Франциск.
Потоа додаде:
„Не знам. Немам конкретен избор. Морам да кажам, имаме еден кардинал кој случајно е во местото наречено Њујорк, и тој е многу добар. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Трамп пред Белата куќа.
Ватикан во понеделникот соопшти дека следниот месец кардинали од целиот свет ќе се состанат на конклава, со цел да го изберат новиот папа.
Состанокот зад затворени врати треба да започне на 7 мај во Сикстинската капела и ќе вклучи околу 135 кардинали. Процесот на избор е заснован на вековна традиција и следува по смртта на папата Франциск, кој почина на Велигденски понеделник.
Неговата погребна церемонија се одржа во саботата.
Не постои официјален распоред за тоа колку долго може да трае конклавата, иако претходните два избори за папа – во 2005 и 2013 година – беа завршени за само два дена.