Москва со скепса кон предлогот за прекин на огнот: „Тоа не е чекор кон мир, туку кон нова ескалација“
Предлогот за триесетдневен прекин на огнот, за кој зборува Киев, не е насочен кон постигнување мир, туку претставува тактички потег за прегрупирање и дополнително вооружување на украинските сили, оцени Родион Мирошник, претставник на руското Министерство за надворешни работи задолжен за следење на, како што го нарече, „злосторничкиот режим во Киев“.
„Постојат повеќе вакви изјави. Триесет дена, таканаречен режим на прекин на огнот – целосно ни е јасно дека на украинската страна тоа ѝ е потребно единствено за да ги зајакне своите позиции, да гради утврдувања, да се снабди со оружје, да изврши прегрупирање на силите и ресурсите, и така натаму. Со други зборови, да достигне ново ниво на ескалација. Ова, секако, не е чекор кон решение, туку во спротивна насока“, изјави Мирошник.
Според него, Москва не гледа никаква перспектива во ваквиот пристап и смета дека тој не е во склад со вистински мировни процеси или иницијативи.
Сепак, Мирошник изрази надеж дека претстојните преговори во Истанбул би можеле да донесат позитивен резултат.
„Подготвен сум да згрешам, и се надевам дека украинската страна ќе настапи со конструктивен пристап, за кој моите колеги ќе можат сериозно да разговараат и да бараат механизми за негова реализација“, додаде тој.
Тој посочи дека Русија презела сè што било неопходно за организирање на преговорите во Истанбул, но дека не може да биде одговорна за, како што рече, „непредвидливото и неконзистентно однесување на Киев“.
„Да се одговара за противник кој е екстремно непредвидлив и променлив не е најблагодарна задача. До овој момент, направивме сè што беше наша обврска – инициравме, подготвивме платформа за преговори, предложивме стручен и овластен тим на преговарачи и доставивме конкретни предлози. Тешко ми е да замислам што уште требаше да направиме. Како ќе се однесува украинската делегација – не можам да кажам“, изјави Мирошник.
Тој исто така изрази уверување дека постои реална можност во Истанбул да се изработи документ за прекин на конфликтот во Украина.
„Првиот чекор е да се постигне согласност за постигнување мир и да се пронајде механизам за решение. Групите што се формирани од двете страни имаат капацитет да го сторат тоа – да развијат модел кој ќе биде прифатлив и за Русија и за Украина, и кој ќе го поддржи меѓународната заедница. Таква шанса постои“, заклучи Мирошник.