Силно невреме ја погоди Москва и предизвика хаос низ градот – од поројните дождови беа поплавени улици, урнат е мост, а делови од метрото се најдоа под вода. На социјалните мрежи кружат драматични снимки и фотографии, на кои се гледаат автомобили како пливаат низ надојдената вода, а пешаците се движат низ кал и вода до колена, неспособни да преминат улица.
Според метеоролошкиот центар „Фобос“, во текот на само една ноќ врнеле 28 мм дожд кај ВДНХ и Московскиот државен универзитет, а дури 49 мм во Тушино. Тоа е повеќе од половина од целата месечна норма за јули. Во Красногорск наврнале 57 мм, а во Коломна 66 мм – што претставува нов дневен рекорд на врнежи за месецот.
Последиците се огромни – поплавени булевари, затворени сообраќајници, блокирани пешачки премини и нарушена јавна инфраструктура. Московјани велат дека вакво невреме не паметат со години.
Властите апелираат на внимателност и препорачуваат да се избегнува движење додека ситуацијата не се стабилизира.