Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги суспендира царините на 90 дена претставува само „кревка“ пауза во трговските тензии, но и важна можност за преговори.
„Делумната суспензија на американските царини на 90 дена испраќа сигнал и остава отворена врата за разговори. Но, оваа пауза е многу кревка“, нагласи Макрон, пренесе Politico.
Според него, причината за ваквата проценка е тоа што царините од 25% на челик, алуминиум и автомобили сè уште се на сила.
„Тие претставуваат удар од 52 милијарди евра за Европската унија. Кревка е и затоа што овие 90 дена значат 90 дена неизвесност за сите наши компании – и на двете страни од Атлантикот, па и пошироко“, додаде Макрон.
Трамп во средата најави 90-дневна пауза на воведувањето на најстрогите нови „реципрочни“ царини до 50%, кои ги воведе една недела претходно за речиси сите земји, вклучително и Европската унија.
Сепак, строг царински режим од 10% и понатаму останува на сила за најголемиот дел од светот, додека казнените царини кон Кина достигнуваат дури 145%.
Како одговор на потегот на Трамп, Европската комисија вчера соопшти дека и таа ќе ги суспендира своите контрамерки против САД на период од 90 дена.