Лавров: Срамота е што европски земји го затворија небото за светските лидери што патуваат во Москва
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека е срамно што неколку европски земји го затворија својот воздушен простор за светски лидери кои патуваат во Москва. Изјавата дојде по повод забраната за прелет донесена од трите балтички земји – Литванија, Латвија и Естонија, членки на Европската унија – за делегации кои патуваат на прославата по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот.
„Секако, тоа е срамота“, изјави Лавров за телевизијата Русија 1.
Тој ја критикуваше Европската унија и поради, како што рече, притисоците врз Србија. Според Лавров, од Белград се бара да се приклучи кон санкциите против Русија и истовремено да го прифати загубениот статус на Косово и Метохија.
„Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, заедно со неколку други претставници, хистерично изјавија дека е итно да се започне пристапниот процес за Украина во ЕУ веќе оваа година. Од Србија пак, се бара да се откаже од своите историски и политички позиции. Излегува дека оние кои ги негуваат врските со Русија, треба да бидат казнети, а оние што, како украинското раководство, проповедаат екстремни ставови, треба да бидат примени во ЕУ. Срамно“, нагласи Лавров.
Меѓу оние што се соочија со ограничувања при патувањето кон Москва е и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Неговиот лет беше попречен и принуден на чекање во Баку, Азербејџан, поради безбедносни причини во контекст на воените случувања меѓу Русија и Украина.
Сепак, Вучиќ пристигна во Москва каде беше пречекан со највисоки државни почести од заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко. За време на посетата, тој ќе оствари билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин.