Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју за индонезискиот весник „Компас“ изјави дека за трајно решение на украинското прашање, неопходно е да се признаат и формализираат новите територијални реалности на меѓународно правен начин.
„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија откако Крим, Севастопол, ДНР, ЛНР, Запорожје и Херсон се приклучија кон Руската Федерација како резултат на референдумите одржани таму, мора да бидат признати и формализирани на меѓународно правен начин“, истакна Лавров.
Тој нагласи дека е потребно Украина да има неутрален, неврзан и ненуклеарен статус, како што било предвидено во Декларацијата за независност на Украина од 1990 година, врз основа на која украинската државност била призната од Русија и меѓународната заедница.
Рускиот претседател Владимир Путин, на состанок со постојаните членови на Советот за безбедност на Русија во јануари, истакнал дека целта на решавањето на конфликтот во Украина не треба да биде краткорочен прекин на огнот за прегрупирање на силите, туку долгорочен мир. Путин нагласил дека руските власти ќе продолжат да ги штитат интересите на рускиот народ, а мирот треба да се темели на „почитување на легитимните интереси на сите луѓе и народи што живеат во регионот“.