Најмалку 19 лица загинаа во серија насилни нереди во Непал, откако владата одлучи да ги блокира социјалните мрежи како Фејсбук, Икс и Јутјуб. Илјадници демонстранти, претежно од генерацијата З, излегоа на улиците на Катманду и Итахари, носејќи транспаренти со пораки „Доста е“ и „Крај на корупцијата“.
Полицијата употребила водени топови, палки и гумени куршуми за да ги раздвои демонстрантите. Според официјалните податоци, 17 лица загинале во главниот град, а уште двајца во источниот град Итахари. Во знак на одговорност, министерот за внатрешни работи поднел оставка.
Владата тврди дека целта на забраната е да се спречат лажни вести, говор на омраза и онлајн измами, и дека социјалните мрежи не се целосно забранети, туку се регулираат според националните закони.
Нередите ја откриваат длабоката поделба во Непал, каде што незадоволството од корупцијата и економските проблеми расте, а младите граѓани се во првите редови на протестите.